КРУШЕВО КУЛТУРА

СПОМЕН КУЌА НА ТОДОР ПРОЕСКИ

Спомен куќата на Тодор Проески претставува еден грандиозен и уникатен проект со специфична намена и причина за изградба. Претставува еден споменик на човек кој беше, е , и ќе остане морален светилник и водич на сите луѓе. Претставува градба која целосно ќе ве внесе во животот на оваа икона на македонската музичка сцена. Изложените експонати ќе ви прикажат како Тоше растеше, заплива во музичките води, за на крајот целосно да ги освои истите.

Спомен куќата на Тоше Проески е отворена на 25-ти април 2011 година. Објектот е со 870 метри квадратни површина и е во форма на крст. Спомен куќата, во која целиот живот на Тоше е прикажан на едно место, е опремена со најсовремена опрема. Во неа има две восочни фигури од Тоше, едната во стоечка положба со микрофон во рака, додека втората во музичко студио како свири на клавир. Во централниот дел од објектот се наоѓа молитвеник со сите верски предмети кои ги поседуваше Тоше, како и неколку негови запишани размислувања или животни филозофии, поврзани со вербата, љубовта, семејството и пријателството. Спомен куќата претставува материјализација на целиот животен пат на Тоше Проески и низ своите содржини обезбедува хронолошки приказ на неговото детство, на тинејџерските години, на периодот кога Тоше го достигна врвот во својата уметничка кариера.